Самопрогласениот пастор Пол Мекензи, водач на верски култ во Кенија, е осуден на 200 години затвор откако судот го прогласи за виновен за смртта на 191 лице, меѓу кои дури 190 деца.
Пресудата е донесена во Високиот суд во Момбаса, во постапка поврзана со масовните смртни случаи во шумата Шакахола, на истокот од Кенија.
Мекензи ги убедувал своите следбеници дека мора да престанат да јадат за да стигнат во рајот и да го „сретнат Исус“.
Според обвинителството, станувало збор за организиран систем на присилно изгладнување, во кој децата биле првите жртви.
Чувари го контролирале движењето на следбениците и ги спречувале да избегаат. Децата биле казнувани доколку се обиделе да земат храна или да го напуштат местото.
Истрагата покажала дека пасторот ги одвраќал верниците од современата медицина и образованието, убедувајќи ги дека надворешниот свет е зло.
Од почетокот на ископувањата во април 2023 година, во шумата Шакахола биле пронајдени вкупно 429 тела.
Обдукциите откриле дека дел од жртвите не починале само од глад, туку и од задушување, притисок врз вратот и повреди на главата.
Судот му изрекол на Мекензи 100 години затвор за убиствата поврзани со изгладнување и дополнителни 100 години за жртвите што биле директно убиени.
Во постапката биле опфатени и околу 30 други обвинети лица.
Судијката Дијана Каведза посочила дека Мекензи користел проповеди, пораки и религиозни материјали за да ги убеди следбениците да ги напуштат своите домови и да се преселат во шумата.
Адвокатот на осудениот најавил жалба, тврдејќи дека неговиот клиент никого не принудувал да гладува.
Случајот се смета за еден од најтешките злосторства поврзани со верски култ во поновата историја на Кенија.









