Управникот на затворот во хрватскиот град Осиек (49) е привремено отстранет од функцијата по пријава за сексуално вознемирување на вработена во установата. Полицијата започнала истрага за утврдување на сите околности.
Според хрватскиот портал „24сата“, наводниот инцидент се случил минатиот викенд, за време на проштална прослава организирана за еден од вработените во затворот.
На прославата, која се одржувала надвор од работното време, присуствувале повеќе вработени, меѓу кои и управникот и вработената што подоцна го пријавила.
Според неофицијалните информации, управникот наводно ја одвел вработената во тоалет, каде што недолично ја допирал по телото.
Жената успеала да се оддалечи и да се врати меѓу присутните, кои забележале дека е видно вознемирена.
Наводно, управникот потоа ѝ понудил да ја однесе дома, но таа категорично одбила. Подоцна им раскажала на колегите што се случило.
Случајот бил пријавен во полицијата и во хрватското Министерство за правда, управа и дигитална трансформација.
Од Министерството потврдиле дека се запознаени со пријавата и дека во тек се полициски проверки.
Додека трае постапката, должноста управник на затворот привремено ќе ја извршува досегашната помошничка Деа Ласиќ.
И од осиечко-барањската полиција потврдиле дека по добиената пријава се спроведува криминалистичка истрага.
Хрватските медиуми пренесуваат и неофицијални информации за можни притисоци врз сведоци кои присуствувале на прославата, но овие тврдења засега не се официјално потврдени.
Надлежните институции треба да утврдат дали постои кривична одговорност, а истрагата сè уште е во тек.









