ПРВ.мк
Република

ВАЖНО ИЗВЕСТУВАЊЕ: Реките Тополка и Бабуна не се препорачуваат за капење - Центарот за јавно здравје со важно предупредување!

ВАЖНО ИЗВЕСТУВАЊЕ: Реките Тополка и Бабуна не се препорачуваат за капење - Центарот за јавно здравје со важно предупредување!

Реките Тополка и Бабуна не се препорачуваат за капење, покажуваат анализите на водата извршени од Центарот за јавно здравје Велес во текот на јуни.

Двете реки се планински и извираат од планината Јакупица, но според резултатите од испитувањата, нивната вода не ги исполнува условите за капење и рекреација. Поради тоа, велешани во текот на летото освежување од високите температури можат да побараат на Градскиот базен и во базените на хотелите во околината на градот. Езерото Младост, пак, веќе две години е забрането за капење.

Во Чашка, на мерното место „Чашка-капалиште“, водата од Тополка не е безбедна за капење и рекреација. Од Центарот за јавно здравје посочуваат дека е утврдено влошување на квалитетот по однос на матноста и микробиолошкиот статус, кој е оценет како трета класа. По останатите испитувани параметри, анализираниот примерок бил од прва и втора класа.

Неповолни резултати се утврдени и за водата на Тополка пред нејзиниот влив во Вардар, во близина на Велес. Според испитувањата и стручната анализа, водата не може да се користи за капење и рекреација. Кај анализираниот примерок е утврдена петта класа по однос на матноста, додека по бактериската контаминација, сатурацијата и присуството на амонијак и нитрити е од трета класа. По останатите испитувани параметри, водата е оценета како прва и втора класа.

Не се препорачува за капење ниту Бабуна на Прва плажа, во нејзиниот долен тек, каде што во текот на летото се рекреираат бројни велешани. Анализираниот примерок покажал трета класа по однос на бактериската контаминација, како и присуство на амонијак и манган. Останатите испитувани параметри се во рамки на прва и втора класа.

Квалитетот на водата на Вардар низ Велес, на потегот од Башино Село до вливот на Бабуна, веќе неколку години не се мери, бидејќи реката не се користи за капење.