ПРВ.мк
Република

(ФОТО) ПОЧНА ПРАЗНИКОТ НА ДЕТСКОТО ТВОРЕШТВО ВО ВЕЛЕС! 59. Детски Рацинови средби со ново издание - ова е програмата!

(ФОТО) ПОЧНА ПРАЗНИКОТ НА ДЕТСКОТО ТВОРЕШТВО ВО ВЕЛЕС! 59. Детски Рацинови средби со ново издание - ова е програмата!

Пред бистата на великанот Коста Солев Рацин, во дворот на велешката гимназија што гордо го носи неговото име, денеска свечено започнаа 59. Детски Рацинови средби. Со овој настан, најмладите уште еднаш му оддадоа почит на еден од најзначајните македонски поети, испраќајќи порака дека неговиот лик и книжевното наследство треба да продолжат да живеат низ генерациите.

Посебно емотивен момент беше настапот на децата од детската градинка „Димче Мирчев“, чии гласови ги исполнија гимназискиот двор со стихови посветени на Рацин. По рециталот, најмалите се поклонија пред неговата биста и положија цвеќе во знак на благодарност и почит.

Пред спомен-обележјето цвеќе положија и претставници на Општина Велес, Гимназијата, Народната библиотека, училиштата и други јавни институции.

Богата програма посветена на творештвото и уметноста

Годинешното, 59. издание на Детските Рацинови средби носи разновидна програма исполнета со активности преку кои учениците ќе имаат можност да ја изразат својата креативност и да се запознаат поблиску со животот и делото на Рацин.

Предвидени се литературни, ликовни и грнчарски работилници, книжевни средби, посети на Спомен-куќата на Рацин, како и свечена завршна програма на која ќе бидат доделени награди за најуспешните ученици.

Во наредните денови Велес повторно ќе пулсира во знакот на поезијата, литературата и културата. Преку детските творби, уметничките активности и средбите посветени на пишаниот збор, стиховите на Рацин ќе одекнуваат низ градот, потсетувајќи дека неговото творештво останува дел од македонската културна меморија.

Најнови вести