ПРВ.мк
Република

ДАЛИ СЕ СЕЌАВАТЕ НА ПОЗНАТИОТ ЧЕВЛАР ОД ВЕЛЕС? Неговите чизми биле толку барани што не можело да се дојде на ред - еве кои се купувал од кај него!

ДАЛИ СЕ СЕЌАВАТЕ НА ПОЗНАТИОТ ЧЕВЛАР ОД ВЕЛЕС? Неговите чизми биле толку барани што не можело да се дојде на ред - еве кои се купувал од кај него!

Во стар Велес постоеле занаетчии чии имиња се паметеле со децении, а нивната работа била вистински белег на градот. Еден од нив бил мајстор Атанас Лукарев, прочуен чизмар чии рачно изработени кожени обувки биле толку барани што, според сеќавањата на постарите Велешани, речиси било невозможно да се дојде на ред за купување.

Неговите чизми ги носеле бугарски, српски и германски офицери и војници за време на различните окупациски периоди во Македонија. Во неговиот дуќан во велешката чаршија постојано имало купувачи, а квалитетот на изработката бил најдобрата потврда за неговото мајсторство.

Но Атанас не бил запаметен само како врвен занаетчија. Велешани го опишувале и како исклучително добар, дружељубив и скромен човек, кој секогаш наоѓал време да поразговара со муштериите. На војниците и офицерите кои доаѓале во неговиот дуќан им раскажувал за историјата, традицијата и убавините на својот Велес.

ОД БАШИНО СЕЛО ДО ВЕЛЕШКАТА ЧАРШИЈА

Атанас Лукарев бил роден во 1911 година во Башино Село. Кога имал десет години, неговите родители Никола и Васа купиле куќа во Велес, веднаш покрај Вардар, недалеку од Црна Џамија. Куќата ја купиле од турско семејство, а со преселбата започнал и новиот живот на младиот Атанас во градот.

Тој продолжил да оди на училиште, каде што наставата се одвивала на бугарски јазик, како и во училиштето во неговото родно село. Тоа често му пречело, но татко му Никола го советувал да биде трпелив, верувајќи дека еден ден Македонците ќе имаат можност да учат на својот мајчин јазик.

„Таква ни е судбината на Македонците, синко. Ќе дојдат и подобри времиња, а еден ден, верувам дека и на нашински ќе се учи. Јас може нема, но ти и твоите деца ќе дочекате“, му велел татко му.

Никола се занимавал со земјоделство и лозарство. Покрај куќата во Велес, купил и неколку лозја, а во дворот изградил две казарници за производство на ракија. Неговата анасонка ракија ја продавал во Ниш, Лесковац, Приштина, па дури и во Белград, произведувајќи по неколку тони.

По завршувањето на основното образование, Атанас не сакал да го продолжи школувањето, особено поради промената на наставниот јазик, бидејќи наместо бугарски, морал да учи на српски. Ниту неговите две сестри не продолжиле со образованието.

Татко му сфатил дека училиштето нема да биде неговиот пат и го однел да го учи занаетот кај велешкиот кондураџија Арсо Чанев.

НА 16 ГОДИНИ ГО ЗАПОЧНАЛ ЗАНАЕТОТ КОЈ ЌЕ МУ ЈА ОДБЕЛЕЖИ СУДБИНАТА

На шеснаесетгодишна возраст Атанас станал чирак во дуќанот на Арсо Чанев, кој се наоѓал во центарот на Велес, пред дуќанот на сликарот Манушот.

Арсо бил познат како добар човек и мајстор, а Атанас брзо го засакал занаетот и почнал да ги совладува неговите тајни. Првите две години работел како чирак, но кога мајсторот забележал колку е посветен, почнал да му доверува самостојна изработка на обувки – најпрво кондури, а потоа и чизми.

За нивната блискост сведочел и Милан Чанев, синот на мајстор Арсо, кој се сеќавал дека Атанас бил дел од чаршијата уште од најрана возраст.

„Мајстор Атанас беше еснаф човек. Од мал беше во чаршијата. Живееше со сите. Еснафот го ценеше и како добар мајстор и како добар човек. Делеше и арно и лошо со терзиите, со берберите и со кондураџиите“, раскажувал Милан.

Дуќанот на Арсо Чанев не бил само работилница за производство на кондури и чизми. Според неговите сеќавања, таму се собирале и напредни младинци кои биле незадоволни од тогашниот систем.

Во 1933 година, додека се градела железничката пруга кон Прилеп, работниците имале голема потреба од чизми и високи кондури. Поради зголемената побарувачка, Арсо Чанев и таткото на Милан отвориле дополнителен дуќан во Богомила, а инвестицијата им донела добра заработувачка.

ОД ЧИРАК ДО НАЈПОЗНАТИОТ МАЈСТОР ЗА ЧИЗМИ ВО ВЕЛЕС

По периодот поминат како калфа, Атанас станал самостоен мајстор. Неговиот учител Арсо Чанев бил горд на ученикот и пред другите често истакнувал дека успеал да го научи да изработува едни од најубавите чизми.

Во меѓувреме, Атанас станал ерген и почнал да размислува за создавање сопствено семејство. Во 1936 година се оженил со Веса од семејството Андови од Велес.

Заедно имале големо семејство. Најпрво им се родила ќерката Нада, потоа синот Ангел, а по него ќерките Марија, Дона и Пандорка. На крајот го добиле и вториот син Кире. Пред него им се родил и синот Никола, кој за жал починал од висока температура.

Кога во 1940 година починал мајстор Арсо Чанев, чевларскиот дуќан преминал во сопственост на Атанас. Работата била во полн ек, а неговото име веќе било познато меѓу купувачите.

ВО ВРЕМЕ НА ОКУПАЦИЈАТА ЧИЗМИТЕ БИЛЕ ПОБАРУВАНИ, НО НЕ СИТЕ ПЛАЌАЛЕ

Со повторното доаѓање на бугарските и германските сили во Македонија, состојбата во градот се променила. Според сведоштвото, германските војници и офицери доаѓале во дуќанот на Атанас, нарачувале чизми и редовно плаќале за изработката.

Со бугарските војници, пак, ситуацијата била поинаква. Тие често ги земале готовите обувки без да платат, а кога мајсторот ќе побарал да му ги дадат парите, следувале закани и физичко малтретирање.

И покрај тоа, дуќанот продолжил да работи и да биде место за собирање на луѓе од велешката чаршија. Таму доаѓале и младинци поврзани со СКОЈ-ската организација, меѓу кои Орце Цвајот, Топузлијата, Благој Страчков, Димко Митрев и други.

Низ работилницата минувале многу напредни велешани, а според сведоштвото, окупаторите не се посомневале дека местото служи и за разговори, договарања и политички активности поврзани со отпорот. Од тие средби дел од младите подоцна заминувале во партизанските одреди.

Кога настапила капитулацијата на Бугарија, занаетчиите во велешката чаршија ја прославиле како голем празник. Посебно се паметело и ослободувањето на градот, кога три дена дуќаните биле затворени, а Велешани славеле.

МОМЕНТОТ КОГА АТАНАС СФАТИЛ ДЕКА СОНУВАЊАТА НА НЕГОВИОТ ТАТКО СЕ ОСТВАРИЛЕ

Еден од најемотивните моменти во животот на мајстор Атанас се случил по ослободувањето, кога повторно започнале училиштата, а наставата се вратила на македонски јазик.

Кога го слушнал училишното ѕвоно од гимназијата и ги видел учениците како се враќаат во училишните клупи, се сетил на зборовите на својот татко Никола. Човекот кој некогаш му ветувал дека ќе дојде време кога Македонците ќе учат на сопствениот јазик, конечно го дочекал остварувањето на таа надеж.

Атанас веднаш заминал дома и им рекол на своите деца:

„Ајде да одите во училиште. Нема бугарски и српски, сега ќе учите на нашиот, македонски јазик.“

Неговиот син Ангел подоцна се присетувал дека никогаш не го видел татко му толку среќен и насмеан. Атанас побарал од сопругата да му наполни чаша ракија и да подготви мезе, за да го прослават големиот ден.

Ангел го опишувал татко си како човек со благ карактер, кој никогаш не го повишувал гласот, дури ни кога децата ќе направеле нешто погрешно. Проблемите ги решавал смирено, но со авторитет. Не сакал да зборува лошо за другите и секогаш бил подготвен да помогне.

Најголемата радост му била семејството – ќерките, синовите, нивните свадби, а подоцна и внуците.

ОД СЕМЕЈНИОТ ДУЌАН ДО „КАТУША“ – МАЈСТОРОТ ДОБИЛ НОВА ОДГОВОРНОСТ

По ослободувањето на Велес, на годишнината од овој настан било формирано кондураџиското претпријатие „Катуша“. Во него биле повикани повеќе од 70 искусни велешки кондураџии, кои требало да изработуваат обувки за војската и за населението.

Претпријатието било сместено во простории пред куќата на Ѓоргови, во центарот на градот.

Прв раководител бил Коле Босилков, по него функцијата ја презел Цанде Хаџиарсов, а како трет директор бил назначен токму мајстор Атанас Лукарев.

Неговиот помлад син Кире се сеќавал дека често одел кај татко му на работа, но дека тој имал малку време за семејството поради големиот обем на обврски.

„Велеа на норма се и мораат да произведат што повеќе кондури. Тој не сакаше, но целосно беше предаден на работните обврски. Живееше со план во Велес да се произведат што поголем број на кондури“, раскажувал Кире.

НАУЧИЛ ПОВЕЌЕ ОД 50 ЧИРАЦИ И МАЈСТОРИ

Една од најголемите гордости на Атанас Лукарев била можноста своето знаење да им го пренесе на помладите генерации. Во текот на неговиот работен век обучил повеќе од 50 чираци, калфи и мајстори.

За него било посебно задоволство кога некој од неговите ученици ќе го совладал занаетот и ќе станел самостоен мајстор. Верувал дека на тој начин не само што го зачувува чевларството, туку и му обезбедува сигурна егзистенција на уште едно велешко семејство.

Неговите ученици и колеги го паметеле со голема почит, како човек кој несебично го споделувал своето знаење и не ја криел ниту една тајна на занаетот.

Мајстор Атанас Лукарев заминал во пензија во 1966 година, по долгогодишна работа во чевларството. Починал 19 години по пензионирањето.

Иако неговиот дуќан одамна не работи, сеќавањата за него продолжуваат да живеат меѓу старите Велешани. Неговото име останало поврзано со времето кога рачната изработка била вистинска уметност, а мајсторите биле луѓе кои со својот труд, знаење и човечност оставале трага во градот.

Приказната за Атанас Лукарев ја запишал Стоилко Андреевски, како сведоштво за еден од најценетите занаетчии во стар Велес.

Најнови вести