Велес некогаш не бил познат само по развиеното школство, трговијата и грнчарството, туку и по нешто што со децении претставувало вистински белег на градот – прочуената велешка чалгија. Нејзиниот звук бил дел од најголемите веселби, свадбените поворки, но и од најтажните моменти во животот на Велешани.
Славата на велешките чалгаџии се пренесувала од генерација на генерација, а нивните настапи биле толку барани што свадбите понекогаш се закажувале според слободните термини на музичарите. Станувало збор за состав од петмина свирачи, кои со извонредна усогласеност успевале да ги претворат народните песни и ора во вистинско музичко доживување. Освен традиционалните мелодии, тие ги изведувале и тогашните современи ритми – кадрил, полка и валцер.
Една од живите легенди на тоа време бил Ало Тончов, кој во периодот кога било создадено сведоштвото имал 75 години и важел за последен претставник на еден од најпознатите велешки чалгаџиски состави, кои настапувале низ цела Македонија.
СВИРЕЛЕ ПРЕД СУЛТАНОТ ВО ИСТАНБУЛ
За славата на велешката чалгија особено придонел Арсо Кеманеџијата. Неговото мајсторство на виолината ги воодушевувало слушателите, а топлите мелодии често ги поттикнувале присутните да запеат и да заиграат.
Тој бил и еден од најзначајните создавачи на велешки народни песни. Во моментите на инспирација ги опеал убавиците Султана Пулкова и Марето Цинциева, неостварената љубов на Лазар Трајков кон убавата Маџирка, како и други приказни кои, за жал, не биле забележани и зачувани.
Речиси сите познати чалгаџии го учеле занаетот токму кај него. Свиреле на веселби и кај македонските и кај турските семејства, а нивниот глас се проширил многу подалеку од Велес.
Врвот на нивната слава дошол во 1902 година, кога велешките музичари биле повикани во Истанбул, тогашниот царски град. Арсо Кеманеџијата, Јован Тончов, кој свирел на дајре, Ордан Канонџијата и Никола Крле на кларинет добиле покана да настапуваат во сараите покрај Босфор.
Таму свиреле цел месец пред султанот, беговите и везирите. Според сведоштвото, кога ќе завршела песната на оџата од Султан Ахмедовата џамија, упатена кон верниците, започнувала музиката во Топкапи-сарајот.
Источниот мелос се спојувал со препознатливите велешки ора, меѓу кои „Калајџиското“, „Тешкото велешко“, „Башиноселското“, „Елбасанското оро“ и „Кавадарката“.
Враќањето во Велес по настапите во Истанбул било проследено со уште поголема слава. Чалгијата што свирела пред султанот станала посакувана на речиси секоја поголема веселба, а за ангажманот не се прашувало многу за цената.
СВАДБИ ШТО ТРАЕЛЕ ПО ТРИ ДЕНА, А СВИРАЧИТЕ ЗНАЕЛЕ СТОТИЦИ ПЕСНИ
Подоцна, Јован Тончов станал еден од најпознатите кларинетисти во градот. Неговата тајфа ја сочинувале Ванчо Бочвар на канон, Перо Бочвар на виолина, Ристо Трпчев на лаута и Исмаил на дајре. Кон нив се приклучил и Ало Тончов, кој со текот на времето станал добар виолинист, односно кеманеџија.
Свои состави имале и Никола Крле и Ѓошо Влавче, кои заедно со Пано Аликоч и Гол Дервиш настапите често ги започнувале со песните „Ајде, дали знаеш, паметиш Милице“ и „Сиво ми сокле летна од Којник“.
Свадбите во тоа време обично траеле по три дена, а понекогаш и подолго. Велешките чалгаџии настапувале на свадби во различни градови, меѓу кои и на свадбата на Андон Беширов од Гевгелија, кај Јован Бутика во Тетово, како и на една турска свадба во Штип. За еден таков настап, секој од членовите на тајфата, покрај добиените дарови, добил и по 12 лири.
Свадбените веселби обично започнувале со маршеви, а за секоја пригода имало посебна музичка изведба – за одењето по невестата, за заминувањето по кумот и за патот кон црквата.
За да можат да одговорат на секое барање, чалгаџиите морале да знаат по стотина, па и повеќе песни. Иако не читале ноти, нивното непознавање на нотниот запис го надоместувале со извонредна извежбаност и совршена усогласеност.
НИВНАТА ТАЈНА БИЛА ВО НЕВЕРОЈАТНАТА УСОГЛАСЕНОСТ
Посебен начин на вежбање ја издвојувал велешката чалгија. Бидејќи составот броел петмина музичари со различни инструменти, секој од нив влегувал во посебна соба во куќата каде што се подготвувале и започнувал да ја изведува договорената песна.
Едно од децата ги затворало вратите, а по неколку минути повторно ги отворало. И покрај тоа што биле разделени во различни простории, музичарите продолжувале да свират со исто темпо, зачувувајќи го ритамот и складноста на композицијата.
Токму таа извежбаност често ја демонстрирале и на свадбите, кога гостите барале да покажат колку добро можат да свират заедно.
Ало Тончов се сеќавал дека музичарите секогаш внимавале на луѓето што играле. Темпото го приспособувале според движењата на играорците, бидејќи чалгаџиството за нив не било само забава, туку професија од која зависело нивното секојдневие.
Особено уживале кога на орото ќе се фателе познати играорци. Меѓу оние што ги паметел Ало биле Евгенија Гајдова, која играла со брз ритам и карактеристични движења, потоа Анисија Виларова, Наце Фрклето, Славејко Ивчев и други мајстори на орото.
ЧАЛГИЈАТА СВИРЕЛА И НА ПОСЛЕДНИТЕ ИСПРАЌАЊА
Но музиката не била присутна само во најсреќните моменти. Велешката чалгија имала место и во најтажните мигови, кога требало да се исполнат последните желби на луѓе кои биле длабоко поврзани со нејзиниот звук.
Така, последната желба на велешкиот трговец Петре Зиков била секое утро по неговата смрт, па сè до четириесетдневниот помен, на неговиот гроб да му пее Васил Дајраџијата.
И прочуениот кларинетист Јован Тончов, кој починал во 1952 година, на своето последно патување бил испратен со звуците на чалгијата.
Овие сведоштва покажуваат колку длабоко музиката била вкоренета во животот на Велешани. Таа не била само придружба за игра и веселба, туку дел од семејните обичаи, спомените и последните желби на луѓето.
СО СМРТТА НА НАЈДОБРИТЕ СВИРАЧИ ПОЧНАЛО ДА ИСЧЕЗНУВА И СТАРОТО ВРЕМЕ
Ало Тончов со посебна тага зборувал за исчезнувањето на вистинската велешка чалгија. Според неговите сеќавања, голема промена настапила по смртта на Ванчо Бочвар, кој важел за најдобар канонџија.
– По Ванчо, никој не можеше да свири како него на тој инструмент. Денес ја нема и лаутата, а на нивно место се појавуваат нови инструменти, како тарабуката, која никогаш не била во составот на чалгијата. Дури и ритамот е поизменет, главно поради новите инструменти – раскажувал Тончов.
Тој сметал дека со текот на времето се изгубило и некогашното почитување кон чалгијата и младоженците. Порано, додека музичарите ги изведувале свадбените маршеви, младоженците се движеле веднаш зад нив, со што се нагласувало дека свадбата е пред сè наменета за младите кои стапуваат во брак.
Според неговото сеќавање, подоцна сватовите почнале да играат пред чалгијата додека свадбената поворка се движела низ градот, со што се нарушувал стариот ред. Веселбата на сватовите, сметал тој, требало да дојде до израз во домот или во просторијата каде што се одржувала свадбата.
Денес виолината на Ало Тончов мирува. Насобраната прашина под нејзините струни како да ги чува спомените за бројните настапи, свадби и разиграни ора. Само во ретки моменти, кога ќе се собереле со другарите или соседите на мало „каначиче“, односно веселба, повторно ја земал виолината во раце и го враќал звукот на едно одамна поминато време.
Ова драгоцено сведоштво за славната велешка чалгија е објавено во книгата „Песната и коренот“ од Никифор Смилевски, издадена во 1992 година.









