ПРВ.мк
Република

ТУРИСТИТЕ МОЖАТ ДА ЗДИВНАТ: Анализите покажаа дали Охридското езеро е безбедно за капење - еве кои локациии се препорачани!

ТУРИСТИТЕ МОЖАТ ДА ЗДИВНАТ: Анализите покажаа дали Охридското езеро е безбедно за капење - еве кои локациии се препорачани!

Најновите анализи извршени од Центарот за јавно здравје Охрид покажуваат дека водата во Охридското Езеро на најголем дел од испитаните локации ги исполнува пропишаните услови за капење и рекреација, што е позитивна вест за туристичката сезона.

Испитувањата биле спроведени во периодот од 1 до 10 јуни на 11 мерни точки, на потегот од авто-кампот „Андон Дуков“ до хотелот „Ројал“. Во рамки на анализите биле направени физичко-хемиски испитувања според важечките стандарди за квалитет на природните води.

Резултатите покажуваат дека на осум локации водата е класифицирана како прва класа, додека на две локации е втора класа. Според стандардите, и првата и втората класа се сметаат за погодни за капење и рекреативни активности, што значи дека на најголем дел од езерото условите се безбедни за капачите.

Единствено отстапување е регистрирано на плажата „Грашница“, каде што водата е оценета како трета класа, што укажува на влошен квалитет во споредба со останатите локации.

Примероците биле земени на различна оддалеченост од брегот, од 20 до 100 метри, како и на длабочина од два до три метри, со цел да се добие реална слика за состојбата на водата.

Во анализата биле опфатени локации како авто-кампот „Андон Дуков“, „Грашница“, „Лабино“, градското пристаниште, плажите „Ј’но“, „Сараиште“, „Потпеш“ и „Канео“, одморалиштето „Партизан“ и хотелите „Мизо“ и „Ројал“.

Од Центарот за јавно здравје Охрид нагласуваат дека мониторингот ќе продолжи и во текот на летната сезона, со цел навремено следење на квалитетот на водата и заштита на здравјето на капачите.

Најнови вести