На спомен-плочата кај месноста Карпалак денеска ќе биде оддадена почит кон десетмината прилепски бранители од резервниот состав на Армијата на Република Македонија, кои ги загубија животите за време на воениот конфликт во 2001 година.
Делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата ќе положи цвеќе на спомен-плочата во чест на загинатите бранители. Со положување цвеќе ќе биде оддадена почит и пред спомен-обележјето на македонските херои, кое се наоѓа во центарот на Прилеп.
На 8 август 2001 година, во периодот на воениот конфликт, животите ги загубија десет резервисти од Прилеп. Тројца припадници на резервниот состав биле ранети во нападот.
Трагичниот настан се случил додека конвојот од прилепската касарна се движел кон Тетово. Во конвојот имало хермелин, два автобуса, камион и комбе. Кај месноста Карпалак, конвојот бил нападнат во заседа.
Врз возилата бил отворен жесток оган, при што десетмина припадници на резервниот состав биле убиени, а тројца биле ранети. Нападот бил исклучително тежок, а извлекувањето на загинатите и повредените траело со часови.
Настанот кај Карпалак останува еден од најтешките моменти од конфликтот во 2001 година и место на кое секоја година се оддава почит кон загинатите припадници на Армијата.
Со денешното положување цвеќе, претставниците на Министерството за одбрана и Генералштабот, како и граѓаните на Прилеп, уште еднаш ќе се потсетат на десетмината бранители кои на 8 август 2001 година не се вратија дома.









