ПРВ.мк
Република

Велес ќе биде домаќин на спектаклот: Караванот „Силно светнал ден“ доаѓа во градот - еве што се подготвува!

Велес ќе биде домаќин на спектаклот: Караванот „Силно светнал ден“ доаѓа во градот - еве што се подготвува!

Музичко-сценскиот караван „Силно светнал ден“, подготвен по повод одбележувањето на 35 години независност на Македонија, на 12 август пристигнува во Велес, каде што граѓаните ќе имаат можност да проследат мултимедијален спектакл исполнет со музика, глума и танц.

Настанот ќе се одржи во паркот пред Општина Велес, со почеток во 20:30 часот, соопшти „Авалон“.

Преку комбинација на музички настапи, актерски изведби и танц, спектаклот ќе ја раскаже приказната за изминатите три и пол децении од независноста на земјата. На сцената ќе бидат прикажани значајни моменти од македонската понова историја, но и периодите исполнети со предизвици, подеми, достигнувања и важни настани кои го одбележале патот на државата.

Караванот се организира во пресрет на 8 Септември – Денот на независноста, кој годинава има посебно значење поради големиот јубилеј од 35 години независност.

Во рамките на караванот, низ повеќе градови во државата ќе настапат познати македонски музички изведувачи и актери, со што празничната програма ќе биде достапна за граѓаните во различни делови на Македонија.

Музичкиот караван официјално ќе започне во Охрид на 9 август, а потоа на 11 август ќе продолжи во Битола. Следната станица е Велес, каде што спектаклот ќе пристигне на 12 август.

По Велес, караванот ќе продолжи и во уште осум градови низ државата, со цел прославата на големиот јубилеј да стигне до што поголем број граѓани.

Организаторите најавуваат дека останатите локации и градови во кои ќе гостува „Силно светнал ден“ ќе бидат дополнително објавени.

Со музика, сцена и приказни од изминатите 35 години, караванот ќе ја создава празничната атмосфера низ Македонија во пресрет на еден од најзначајните датуми во современата македонска историја.