Вештачката интелигенција направи нов чекор во медицината откако хирурзи во Лондон првпат употребиле специјално развиен ВИ систем во реално време при операција за отстранување тумор на мозок.
Пациентот бил 48-годишниот Рајс Хиберт, татко на две деца од Бедфордшир, кому бил дијагностициран бениген тумор на хипофизата. Според лекарите од Универзитетскиот колеџ во Лондон, без соодветен третман постоел ризик неговиот вид сериозно да се влоши.
Туморот бил голем околу 11 милиметри и се наоѓал во исклучително чувствителна област – во близина на каротидните артерии и оптичките нерви. Како што растел и вршел притисок, Хиберт почнал да го губи периферниот вид.
Операцијата била изведена со ендоскоп кој преку носот бил доведен до основата на черепот. Токму тука на хирургот му помагал новиот ВИ систем.
На посебен екран, вештачката интелигенција во реално време ја анализирала сликата од камерата, ги следела хируршките инструменти и означувала каде најверојатно се наоѓаат важните крвни садови и нерви. На тој начин на лекарите им давала дополнителни информации за најбезбедниот пристап до туморот.
Технологијата функционира на принцип сличен на системите за препознавање лица, но наместо човечки лица препознава анатомски структури, вклучително и оние кои хирургот не може директно да ги види.
Тренирана на стотици операции
Системот бил обучуван со стотици видеоснимки од операции на тумори на хипофизата. На снимките истражувачите внимателно ги означувале нервите, крвните садови и другите важни структури за ВИ да научи да ги препознава.
Професорот Хани Маркус, кој бил вклучен во интервенцијата, објаснил дека системот е трениран на повеќе операции отколку што многу хирурзи ќе видат или изведат во текот на целата кариера.
Сепак, лекарите нагласуваат дека ВИ не ја изведува операцијата и не носи конечни одлуки. Таа служи како дополнителна алатка, додека хирургот во секој момент ја задржува целосната контрола.
Долгорочната амбиција на истражувачите е да развијат нешто што Маркус го опишува како еден вид „ChatGPT за хирурзи“ – дигитален експерт во операционата сала кој може да понуди совет, но лекарот одлучува дали ќе го прифати.
Проектот е финансиран од британскиот Национален институт за истражување на здравјето и грижата и Google, а по повеќегодишни лабораториски тестирања се подготвува и поголемо клиничко испитување.
Кај Хиберт резултатите засега се охрабрувачки. Во осумте недели по операцијата, тој забележал постепено подобрување на видот.










