ПРВ.мк
Магазин

Историја на изборот за Мис САД: Првпат мажена жена и мајка ја освои круната

Историја на изборот за Мис САД: Првпат мажена жена и мајка ја освои круната

Џастес Кели од Вирџинија испиша историја на 75. издание на изборот за Мис САД, станувајќи првата мажена жена и мајка која ја освоила престижната титула.

На 31-годишната Кели круната ѝ ја предаде досегашната Мис САД, Одри Екерт, на финалната церемонија одржана во центарот „Адриен Аршт“ во Мајами.

Нејзината победа доаѓа три години по големата промена на правилата на натпреварот. Во 2023 година беше укината возрасната граница, а беше овозможено за титулата да се натпреваруваат и мажени жени и мајки.

Кели сега стана првата натпреварувачка која благодарение на новите правила успеала и да стигне до самата круна.

Посветена на децата без стабилен дом

Новата Мис САД привлече внимание и со својата работа надвор од сцената. Таа и нејзиниот сопруг Тајлер се згрижувачки родители на две деца, а Кели основала и организација посветена на поддршка на деца и млади кои се дел од системот за згрижување.

Пред натпреварот направила и симболичен потег со кој сакала да го насочи вниманието кон нивните животни услови – дел од своите работи ги спакувала во вреќи за ѓубре.

Со тоа сакала да покаже дека многу деца кои се преместуваат од еден згрижувачки дом во друг токму на ваков начин ги носат своите лични предмети.

Во текот на кампањата Кели зборувала и за положбата на жените, нагласувајќи дека семејството и мајчинството не треба да значат откажување од личните и професионалните амбиции.

Награден пакет вреден над 685.000 долари

Покрај круната, победничката ја очекува награден пакет чија вредност се проценува на повеќе од 685.000 долари.

Меѓу наградите се годишна плата од 150.000 долари, „Ренџ Ровер“, едногодишно користење луксузен стан во Мајами и гардероба вредна 30.000 долари.

Прва придружничка беше Ајлин Черкиара од Флорида, втора Елизабет Војт од Пенсилванија, трета Мадлин Ериксон од Ајова, а четврта Алајзија Кристофер од Јута.

Во рамките на финалната недела се одржа и 44. избор за Мис Тинејџерка на САД, каде што круната ја освои 18-годишната Киран Реди од Џорџија.