Вирусот Западен Нил е потврден кај диви птици на повеќе локации во Загреб, соопшти хрватското Министерство за земјоделство, шумарство и рибарство.
Хрватскиот ветеринарен институт го потврдил првиот случај на 27 август кај мртви врани пронајдени во населбата Запруѓе.
Само еден ден подоцна вирусот бил потврден кај уште четири мртви врани, пронајдени на подрачјето на плоштадот Кватерников, паркот Бартол Кашиќ, Савица и Дубрава, односно Дубец.
Вирусот го пренесуваат заразени комарци
Од Министерството нагласуваат дека Западен Нил најчесто се пренесува преку каснување од заразени комарци. Особено значајни се комарците од родот Culex, кои се распространети низ Хрватска.
Во природниот циклус вирусот циркулира меѓу птиците и комарците, а заразените комарци можат да го пренесат и на луѓето и коњите.
Луѓето и коњите се сметаат за случајни крајни домаќини и вообичаено не претставуваат извор за понатамошно ширење на вирусот преку комарци.
Хрватските власти ги повикаа граѓаните кои ќе забележат две или повеќе мртви диви птици на иста локација да ја известат најблиската овластена ветеринарна организација. На тој начин, доколку е потребно, може да се изврши испитување за присуство на заразни болести кај животните.









