Стевчо Јакимовски речиси три недели бил на болничко лекување во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, по што на 26 август повторно бил вратен во КПУ Затвор Скопје, потврдил за Скопје1.мк директорот на установата, Бобан Утковски.
Според неговите информации, Јакимовски бил хоспитализиран на 5 август, откако претходно се пожалил на здравствени тегоби.
Утковски посочил дека за време на престојот во болницата му бил овозможен соодветен медицински третман и здравствена грижа.
По завршувањето на болничкиот третман, на 26 август Јакимовски бил вратен во затворот, каде што во моментов ја издржува казната.
Директорот не открил детали за дијагнозата и конкретната здравствена состојба на Јакимовски, посочувајќи дека станува збор за доверливи медицински податоци.
Тој нагласил дека затворската управа има обврска кон секое лице во установата да постапува одговорно и човечки и, кога постои медицинска потреба, навремено да обезбеди соодветна здравствена заштита.
Според Утковски, во случајот било постапено согласно надлежностите на установата и медицинските препораки.
Јакимовски е правосилно осуден на една година затвор за незаконската изградба на општинската зграда во Карпош. Во изречената казна треба да му бидат пресметани и петте месеци што претходно ги поминал во куќен притвор.









