ПРВ.мк
Црна Хроника

Полицијата откри нови детали за несреќата во Словенија: Загинаа две деца и нивната баба

Полицијата откри нови детали за несреќата во Словенија: Загинаа две деца и нивната баба

Нови детали се познати за тешката сообраќајна несреќа во Словенија во која загинаа три члена на македонско семејство – 74-годишна жена и две деца на возраст од четири и 11 години, објави Скопје1.мк.

Според полицијата во Копер, во „ауди А4“ со италијански регистарски ознаки патувале петмина државјани на Северна Македонија со живеалиште во Италија. Семејството живеело во Равена.

Автомобилот го управувал 39-годишниот татко. Според досегашните сознанија, тој најпрво со десната страна од возилото ја закачил заштитната ограда, а потоа силно удрил во задниот лев дел од приколка на товарно возило.

Камионот бил запрен во простор за итно запирање поради дефект. Со него управувал 64-годишен државјанин на Босна и Херцеговина, кој во моментот на ударот бил во кабината и не бил повреден.

Во несреќата животот го загубиле 74-годишната мајка на возачот и неговите две деца – четиригодишно девојче и 11-годишно момче.

Полицискиот инспектор Петер Лебан соопштил дека, според досегашните сознанија, двете деца во моментот на несреќата не биле врзани со сигурносен појас.

Повредена била и 33-годишната мајка на децата, која седела на задното седиште. Таа со хеликоптер била итно пренесена во болница. Во болница бил пренесен и 39-годишниот возач, но според објавените информации кај него не биле констатирани повреди.

Се проверува дали возачот заспал

Полицијата сè уште ја утврдува точната причина за несреќата. Возачот бил тестиран за присуство на алкохол и дрога, а двата теста биле негативни.

Една од околностите што се проверуваат е дали 39-годишниот татко можеби заспал зад воланот непосредно пред ударот. Засега тоа не е утврдено како причина за несреќата.

Според објавените информации, по завршувањето на истрагата се очекува против возачот да биде поднесена кривична пријава поради сомнение за предизвикување сообраќајна несреќа од небрежност.

На местото интервенирале полиција, пожарникари и екипи на Итната медицинска помош, а пожарникарите морале технички да интервенираат за извлекување на настраданите од автомобилот.

Поради несреќата, автопатот во правец кон Копер бил затворен до 23:56 часот, а увидот го следеле и државен обвинител и истражен судија.