Во среда, 12 август, на небото ќе се случи редок астрономски спектакл – Месечината ќе помине меѓу Земјата и Сонцето и ќе предизвика целосно или делумно помрачување, зависно од локацијата од која се набљудува.
Во делови од Европа феноменот ќе може да се следи како делумно помрачување, додека појасот на целосното помрачување ќе минува преку Арктикот, Гренланд и Исланд до Шпанија.
Сепак, експертите предупредуваат дека директното гледање во Сонцето без соодветна заштита може да предизвика сериозно и трајно оштетување на видот.
Зошто е опасно директното гледање?
Помрачувањето ќе се случува во вечерните часови, кога Сонцето е ниско на хоризонтот и светлината може да изгледа помалку интензивна.
Токму тоа може да создаде лажно чувство дека директното гледање е безбедно. Во услови на послаба светлина зениците се пошироки, а оштетувањето на мрежницата може да настане без човек веднаш да почувствува болка.
Симптомите, како заматен вид, темни дамки или искривување на сликата, може да се појават подоцна.
Обичните очила за сонце не се доволни
За директно набљудување треба да се користат специјални очила за помрачување што го исполнуваат стандардот ISO 12312-2. Пред употреба треба да се провери дали филтерот е оштетен, изгребан или пробиен.
Обичните очила за сонце, без оглед колку се темни, не се безбедна замена за соларен филтер.
Посебно внимание е потребно при користење телескопи, двогледи и фотоапарати. Со нив Сонцето не смее да се набљудува без соодветен соларен филтер поставен на предниот дел од оптичкиот систем.
Постои и безбеден начин без директно гледање
Оние што немаат специјални очила можат да го следат помрачувањето индиректно со едноставен „pinhole“ проектор, со кој сликата на Сонцето се проектира на друга површина.
Овој метод е особено практичен за деца бидејќи нема потреба директно да се гледа кон Сонцето.
Доколку по случајно директно гледање во Сонцето се појават промени во видот, заматување или темни точки во видното поле, потребно е да се побара медицинска помош.







