ПРВ.мк
Наука/Технологија

ОТКРИТИЕ ПОД АНТАРКТИКОТ: Пронајдени траги од суперконтинент

ОТКРИТИЕ ПОД АНТАРКТИКОТ: Пронајдени траги од суперконтинент

Научниците открија нови траги кои би можеле да помогнат во реконструкцијата на древната Гондвана – суперконтинентот што пред стотици милиони години обединувал огромен дел од денешните континенти.

Истражувачи од Австралискиот национален универзитет анализирале минерали пронајдени во морските седименти околу Антарктикот. Станува збор за циркони, минерали кои благодарение на содржината на ураниум и ториум можат да послужат како своевидни геолошки „часовници“ и да откријат кога настанале карпите од кои потекнуваат.

Наместо директно да бараат древни карпи под дебелата ледена покривка на Антарктикот, научниците ги проучувале овие минерални зрна во океанските седименти.

Резултатите покажале дека околу 46 проценти од анализираните детритни циркони во разгледуваната глобална база на податоци можеби имаат потекло од Антарктикот. Кај цирконите формирани под висок притисок, процентот достигнува околу 55 отсто.

Овие резултати, според истражувачите, укажуваат дека Антарктикот можеби имал значајна улога во геолошкото формирање на Гондвана.

Гондвана некогаш ги опфаќала денешните Африка, Јужна Америка, Антарктикот, Австралија и индискиот потконтинент, а нејзиното формирање започнало пред стотици милиони години.

Истражувањето е значајно и поради периодот што го опфаќа, кој се совпаѓа со камбриската експлозија пред околу 540 милиони години – период во кој во фосилните записи се забележува нагло зголемување на разновидноста на живи организми.

Научниците сметаат дека подоброто разбирање на древниот релјеф и планинските системи може да помогне и во реконструкцијата на тогашната клима, а со тоа и на условите во кои се одвивале големите пресврти во еволуцијата на животот.