На прв поглед звучи парадоксално – Лисабон пушта десетици илјади комарци за во иднина да има помалку од нив. Во португалската престолнина започнува експеримент со стерилни машки комарци, чија цел е да се ограничи размножувањето на азискиот тигрест комарец.
Во областа Алваладе ќе бидат пуштени околу 30.000 стерилни мажјаци од видот „Aedes albopictus“. За жителите тие не претставуваат опасност бидејќи машките комарци не касаат – крв им е потребна само на женките за развој на јајцата.
Во претходниот дел од проектот веќе биле пуштени околу 60.000 стерилни комарци, а ова треба да биде последното пуштање во актуелната фаза.
Методот функционира така што стерилните мажјаци се натпреваруваат со дивите мажјаци за парење со женките. Доколку женка се спари со стерилен мажјак, нема да се создаде потомство. На подолг рок, со намалување на успешното размножување, научниците очекуваат да може да се намали и вкупната популација.
Во оваа фаза истражувачите првенствено ќе следат колку далеку се движат пуштените комарци и колку долго преживуваат. Ако резултатите бидат позитивни, следната фаза е планирана за мај, кога ќе се споредуваат подрачја во кои се користи оваа техника со области каде се применуваат други методи за контрола.
Азискиот тигрест комарец е значаен од аспект на јавното здравје бидејќи може да биде преносител на вируси како денга и Зика. Истражувачите, сепак, нагласуваат дека стерилните комарци се само една од мерките и дека останува важно да се отстрануваат малите насобирања вода каде што комарците се размножуваат.
Проектот е поддржан и финансиран од Меѓународната агенција за атомска енергија, а во неговата реализација учествуваат повеќе португалски здравствени и локални институции.










