ПРВ.мк
Македонија

НОВ РАЗВОЈ ВО СЛУЧАЈОТ „СИНЏИР“: Чифлигароски од „Шутка“ спроведен во суд

НОВ РАЗВОЈ ВО СЛУЧАЈОТ „СИНЏИР“: Чифлигароски од „Шутка“ спроведен во суд

Битолскиот бизнисмен Стојан Чифлигароски, кој по повеќегодишно бегство неодамна се предаде на надлежните органи, денеска бил спроведен од Затвор „Скопје“ во Основниот кривичен суд Скопје.

Во судот Чифлигароски бил сослушан во присуство на неговиот бранител и јавен обвинител, по што му било врачено решението за притвор, кое претходно било донесено во негово отсуство.

Од Кривичниот суд потврдиле дека обвинетиот има право на жалба на одлуката. Со врачувањето на решението почнува да тече законскиот рок за поднесување жалба до Кривичниот совет, кој треба да одлучи за мерката притвор.

Чифлигароски сам се предал на 22 септември, а надлежните институции два дена подоцна ја потврдија информацијата за неговото предавање.

За него се води истрага во рамки на предметот „Синџир“ за сомнение за кривичните дела „злосторничко здружување“, „даночно затајување“ и „перење пари“.

Чифлигароски е бизнисмен од Битола и сопственик на компанијата „СВ Инвест“, која во минатото добивала милионски тендери од РЕК „Битола“, а подоцна завршила во стечај.