ЈСП Скопје воведува нова дигитална студентска превозна картичка, со која студентите на државните универзитети во Скопје ќе можат да го користат бесплатниот јавен превоз преку мобилен телефон.
Новото решение предвидува целосна дигитализација на постапката. Податоците за студентскиот статус ќе се синхронизираат автоматски меѓу ЈСП и универзитетите, со што студентите повеќе нема да имаат потреба да доставуваат хартиени потврди или да одат во билетарниците за заверка.
Системот ќе важи за студентите на државните универзитети во Скопје, вклучувајќи го и Универзитетот „Мајка Тереза“.
Студентите ќе добијат упатства преку имејл, а дигиталната картичка ќе се активира преку мобилната апликација „SkopjeBus“. За најавување ќе треба да ја користат истата имејл-адреса со која се регистрирани на својот универзитет.
Откако ќе биде активирана, студентската картичка ќе се прикажува во апликацијата како QR-код, кој студентите ќе го користат за валидација при патувањето со јавниот превоз.
Од ЈСП најавуваат дека студентите навремено ќе добијат дополнителни информации и детални упатства за активирањето и користењето на новата дигитална картичка.






