ПРВ.мк
Македонија

ПОВЕЌЕ ОД ДВОЈНО ПОВИСОКИ ПРИДОНЕСИ: Занаетчиите предупредуваат дека новиот модел им создава сериозен товар

ПОВЕЌЕ ОД ДВОЈНО ПОВИСОКИ ПРИДОНЕСИ: Занаетчиите предупредуваат дека новиот модел им создава сериозен товар

Занаетчиите во земјава се соочуваат со значително повисоки трошоци за придонеси по воведувањето на новиот начин на пресметка. Според нивните реакции, месечниот износ што претходно изнесувал околу 4.200 денари, за јули и август се зголемил на околу 9.500 денари.

Промените произлегуваат од измените на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, објавени во јули годинава. Со нив, УЈП го презеде генерирањето на МПИН-пресметките за самовработените лица кои се паушалисти.

Последиците веќе се чувствуваат. Според информациите што занаетчиите ги пренесуваат од Комората, само во Скопје повеќе од 40 занаетчии во изминатиот период поднеле барање за затворање на своите дејности.

Дел од нив реагираат и поради тоа што пресметките за јули ги добиле дури на почетокот на септември. Дополнителен проблем е што бројот на часови за кои лицето е пријавено во Агенцијата за вработување во моментов не влијае врз висината на основицата за придонесите. Така, според реакциите, дел од занаетчиите пријавени на скратено работно време плаќаат придонеси како за полно работно време.

Од Занаетчиската комора, пак, посочуваат дека во минатото биле утврдени и злоупотреби – лица пријавени на скратено работно време фактички работеле цел ден. Претседателот на Комората, Агрон Фазлиу, најавува дека актуелниот начин на пресметка ќе важи до крајот на 2026 година, а од следната година треба да се применува паушал според тоа дали занаетчијата е пријавен на скратено или полно работно време.

Од УЈП информираат дека за јули и август биле генерирани околу 7.000 МПИН-пресметки за приближно 3.500 самовработени лица. Управата потврдува и дека пресметките за јули доцнеле поради приспособување на софтверот, додека за август биле изготвени во законскиот рок.

Од 1 јануари 2027 година е најавен нов модел, според кој однапред ќе се изготвуваат 12 месечни налози за данок и придонеси, а корекции ќе се прават во специфични случаи, како боледување или одјава.