Најмалку 16 млади момчиња од Македонија досега биле идентификувани како лица кои заминале во Србија и биле вовлечени во активности поврзани со организирани криминални групи, објави емисијата „КОД“. Според истражувањето, најголем дел од нив биле на возраст до 21 година, а меѓу регрутираните имало и постари малолетници кои по заминувањето во Србија наполниле 18 години.
Според информациите објавени во истражувањето, младите најчесто потекнувале од скопските населби Аеродром, Ѓорче Петров, Карпош и Драчево. Дел од нив претходно имале проблеми со законот или биле поврзани со активности поврзани со продажба на дрога, додека кај значителен дел биле забележани тешкотии во семејната средина.
Во емисијата се наведува дека до младите најчесто се доаѓало преку лица од Македонија кои биле поврзани со криминалното милје. Тие им нуделе можност за „работа“ во Србија и им ветувале високи заработки.
По регрутацијата, следувало заминување преку границата. Во случаи кога некои од младите биле барани од македонските власти, според наводите во истражувањето, биле користени лажни документи или илегални премини за да ја напуштат земјата.
„КОД“ објавува дека пошироката бројка на досега идентификувани млади Македонци кои на различен начин биле поврзани со вакви криминални структури се движи меѓу 16 и 20 лица. Според изворите користени во истражувањето, регрутирањето особено се засилило во текот на 2024 година.
Како особено ранливи категории се издвојуваат млади кои потекнуваат од згрижувачки семејства и домови, од разведени или дисфункционални семејства, како и оние кои биле привлечени од ветувањата за брза заработка, лесен живот и големи суми пари.
Во истражувањето повторно се споменуваат скопските населби Ѓорче Петров, Ново Лисиче, Аеродром и Карпош како средини од кои биле регрутирани дел од младите.
Според „КОД“, по заминувањето во Србија, дел од младите добивале специјални уреди за комуникација и пристап до затворени канали преку кои им биле испраќани задачи. Во прилогот се наведува дека на регрутираните им биле ветувани значителни финансиски средства, скап ноќен живот, но и можност за напредување во криминалната хиерархија.
Истражувањето предупредува дека младите кои влегуваат во ваквите структури не се секогаш само извршители, туку во одредени случаи можат да станат и жртви на самите криминални групи.
Според објавените информации, на дел од нив им биле одземани личните документи, што дополнително го отежнувало нивното заминување од групите. Во такви околности, напуштањето на криминалната структура, според наводите во емисијата, можело да биде исклучително тешко.








