Октомври носи низа интересни астрономски појави кои ќе можат да се набљудуваат од Земјата, а за дел од нив нема да биде потребна посебна опрема.
На 4 октомври, околу 02:00 часот по средноевропско време, Сатурн ќе биде во опозиција. Тоа значи дека планетата ќе биде во поволна положба за набљудување и ќе изгледа поголема и посветла бидејќи ќе биде во близина на својата најблиска точка до Земјата.
Сатурн треба да се бара кон југ и југоисток, а условите за набљудување ќе стануваат подобри како што планетата ќе се искачува повисоко на небото. Сепак, за јасно да се забележат неговите карактеристични прстени ќе биде потребен мал телескоп или помоќен двоглед.
За оние кои сакаат да набљудуваат уште порано, вечерва е организирано бесплатно јавно набљудување на Месечината и Сатурн во Скопје. Граѓанско-научната космичка агенција ги поканува заинтересираните граѓани да ги набљудуваат небесните тела преку телескопите на Скопското астрономско друштво.
Набљудувањето ќе започне во 20:00 часот пред Камениот Мост во Скопје.
На 5 октомври следува уште една интересна глетка. Месечината во фаза на срп и Марс ќе се појават релативно блиску еден до друг на утринското небо, пред зората, над источниот хоризонт.
Под Месечината ќе може да се забележи и ѕвезденото јато Beehive. Тоа се наоѓа на околу 600 светлосни години од Земјата, а под темно небо и без светлосно загадување со голо око може да изгледа како заматена светлосна дамка.
Во ноќта меѓу 8 и 9 октомври на ред се Драконидите. Овој метеорски дожд тогаш ќе го достигне својот врв, а од места со темно небо и без светлосно загадување се очекува да можат да се видат околу 10 метеори на час.
Љубителите на ноќното небо ќе имаат уште една можност во втората половина од месецот. Во ноќта меѓу 21 и 22 октомври ќе биде активен максимумот на Орионидите. Под добри услови, на темни локации, може да се забележат до 20 метеори на час, особено во часовите пред изгрејсонце.
На 10 октомври ќе настапи млада Месечина, што ќе создаде поволни услови за набљудување на јадрото на Млечниот Пат. Во текот на есенските месеци, оваа област од нашата галаксија може да се забележи веднаш откако ќе се стемни, доколку местото е доволно темно и нема силно светлосно загадување.
Меркур, пак, на 12 октомври ќе ја достигне својата најголема источна елонгација. Тоа е моментот кога планетата ќе биде најоддалечена од Сонцето на вечерното небо, па треба да се бара ниско над западниот хоризонт кратко по зајдисонце.
На 26 октомври ќе се појави полната Месечина, позната и како Hunter's Moon. Таа ќе биде особено впечатлива и најсветла кратко по полноќ.
Само еден ден подоцна, на 27 октомври, Месечината ќе помине пред дел од Плејадите – младо ѕвездено јато познато и како M45 или „Седум сестри“.
Плејадите се оддалечени околу 444 светлосни години од Земјата, а нивното приближување со Месечината ќе биде уште една од интересните небесни појави што ќе го одбележат октомври.









