Загрепската полиција презела итна превентивна постапка откако добила пријава за ризично однесување на ученик во воспитно-образовна установа во Нови Загреб. Надлежните служби веднаш реагирале по дојавата поднесена на 25 септември, со цел да се спречи каква било опасност за учениците и наставниот кадар.
Случајот предизвикал голема вознемиреност кај родителите, откако на социјалната мрежа ТикТок се појавила снимка на која ученикот се поврзува со огнено оружје и се упатува кон училиштето.
Меѓу родителите се појавиле и информации за наводен список со имиња на врсници. Според дел од нивните тврдења, ваквото однесување можело да биде поврзано со претходно врсничко насилство. Сепак, овие детали засега не се потврдени од надлежните институции.
Од Полициската управа загрепска соопштија дека веднаш по добивањето на информацијата, во координација со раководството на училиштето, биле спроведени потребните проверки и разговори.
Полицијата посочува дека приоритет бил итно превентивно дејствување и отстранување на секој потенцијален безбедносен ризик во училиштето и неговата околина.
„Со брза и квалитетна соработка меѓу воспитно-образовната установа и Полициската управа загрепска, реагирано е навремено и превентивно, а натамошната работа продолжува во координација со надлежните институции“, соопшти полицијата.
Целиот случај се разгледува во соработка со центрите за социјална работа и службите надлежни за заштита на децата. Тие преземаат активности за да се утврдат сите околности поврзани со однесувањето на ученикот.
Образовните институции имаат воспоставени протоколи за постапување во случаи на можни закани и ризично однесување преку социјалните мрежи. Тие предвидуваат навремена реакција, процена на ризикот и вклучување на стручни служби.
Случајот повторно го отвори прашањето за важноста на навременото препознавање и пријавување на загрижувачки однесувања кај младите, како и за соработката меѓу родителите, училиштата и надлежните институции кога ќе се појави потенцијална закана.









