ПРВ.мк
Македонија

ИМАТЕ СТРАНСКИ ТАБЛИЧКИ? - Еве како преку „Безбеден град“ да проверите дали имате сообраќаен прекршок!

ИМАТЕ СТРАНСКИ ТАБЛИЧКИ? - Еве како преку „Безбеден град“ да проверите дали имате сообраќаен прекршок!

Министерството за внатрешни работи ги информира сопствениците и возачите на возила со странски регистарски ознаки дека преку системот „Безбеден град“ можат да проверат дали со нивното возило е регистриран сообраќаен прекршок и, доколку имаат обврска за плаќање, да ја подмират електронски.

За оваа намена достапна е веб-апликацијата „Безбеден град“, која е приспособена и за користење преку мобилен телефон. Корисниците имаат можност да се регистрираат во системот, да проверат дали имаат евидентирани прекршоци, да извршат увид во издадените прекршочни платни налози и електронски да го извршат плаќањето.

Од МВР појаснуваат дека користењето на апликацијата не е задолжително. Сепак, преку неа возачите можат однапред да проверат дали имаат регистриран прекршок и да ги подмират евентуалните обврски, со што се олеснува постапката при нивното излегување од државата.

За лицата кои нема да ја користат апликацијата, информација за евентуален сообраќаен прекршок може да се добие и при излез од земјава преку граничниот премин Табановце.

На овој граничен премин плаќањето на прекршочните обврски се врши исклучиво со платежна картичка. Од МВР нагласуваат дека на ова место не е предвидено плаќање во готовина.

Во меѓувреме, Министерството информира дека се преземаат активности оваа можност за информирање и подмирување на сообраќајните обврски да биде достапна и на други гранични премини во земјата.