Ерик Шмит, поранешниот извршен директор и претседател на Google, упати сериозно предупредување за американската технолошка индустрија: доколку продолжи со флексибилното работење и акцентот на „рамнотежа помеѓу работа и живот“, САД ризикува да ја загуби трката со Кина.
Во интервју за подкастот All-In, Шмит истакна дека младите професионалци многу губат со работа од дома, бидејќи пропуштаат вредно искуство и учење од постарите колеги во канцеларијата. Тој го спомена кинескиот модел „996“ – работа од 9 до 21 часот, шест дена неделно – кој, иако официјално забранет во Кина од 2021 година, сè уште се практикува во многу технолошки компании.
Шмит предупреди дека ваквиот модел им дава предност на кинеските компании, додека во Силиконската долина повторно се забележува тренд на зголемена работа во сабота и враќање на интензивниот режим, особено во стартапите и индустријата за вештачка интелигенција.
Тој исто така ја критикуваше Google за „прекумерната либералност“ кон работата од дома и нагласи дека компанијата почна постепено да бара вработените да бидат во канцеларија најмалку три дена неделно. Сергеј Брин, коосновач на Google, препорача тимовите што работат на Gemini AI да работат 60 часа неделно како оптимално ниво на продуктивност.
На крајот, Шмит се пошегува дека рамнотежата помеѓу работа и приватниот живот можеби сè уште има место – но само во државната служба, нагласувајќи дека во корпоративниот свет се бара поголема посветеност и жртви за успех.