Во северниот дел на Минхен утрово се случи драматичен инцидент проследен со пукотници и експлозии, при што едно лице е убиено, а друго е тешко повредено, пренесе 4NEWS.mk.
Според локалната полиција, инцидентот се одиграл на улицата Лерхенауер. На терен веднаш пристигнале специјални единици и тимови за деактивирање бомби. Германски „Билд“ јавува дека телото пронајдено на местото најверојатно е на маж кој поставил експлозиви во куќата на своите родители, ја запалил, а потоа си го одзел животот.
Освен загинатиот, најмалку едно лице е пронајдено со прострелни рани. Полицијата целосно ја загради областа и ги повика жителите да ја избегнуваат. Сведоци опишуваат густ чад што се издигал над местото на инцидентот.
Властите уверуваат дека во моментов нема закана за јавноста и дека случајот не е поврзан со Октоберфест, кој се одржува во градот.