Ново истражување презентирано на Конгресот на Европското респираторно друштво покажува дека исхраната богата со овошје може да помогне во ублажување на штетните ефекти на загадувањето на воздухот врз белите дробови – особено кај жените.
Истражувачите од Универзитетот во Лестер користеле податоци од „Британската биобанка“ за околу 200.000 учесници, споредувајќи ја потрошувачката на овошје и зеленчук со нивната функција на белите дробови и изложеност на ПМ-2.5 честички. Резултатите покажале дека жените кои јадат најмалку 4 порции овошје дневно покажале помал пад во функцијата на белите дробови, дури и кога биле изложени на високо ниво на загадување.
Антиоксидансите и антиинфламаторните соединенија во овошјето го неутрализираат оксидативниот стрес и воспалението предизвикано од загадениот воздух. Иако ефектот бил најизразен кај жените, научниците истакнуваат дека здравата исхрана воопшто ја подобрува функцијата на белите дробови и кај мажите и кај жените.
Студијата потенцира дека додавањето свежо овошје во секојдневната исхрана е едноставен, но значаен начин за заштита на белите дробови, но не може да ја замени потребата за владините мерки за намалување на загадувањето на воздухот.