Во Македонија се регистрирани осум случаи на западно-нилска треска, покажуваат најновите податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Според објавените информации, шест лица се заразиле во земјава, додека кај едно лице е евидентирано патување во Грција, но дел од инкубацискиот период го поминало и во Македонија. Најголем број од заболените се од Скопје и Велес.
Од вкупно осумте регистрирани случаи, седум се мажи, а едно е жена. Повеќето пациенти се постари од 60 години, додека две лица се на возраст меѓу 50 и 59 години.
Сите заболени се хоспитализирани поради невроинвазивна форма на инфекцијата, која претставува потешка клиничка слика на болеста.
Податоците на ИЈЗ покажуваат дека во тековната сезона првиот регистриран случај на западно-нилска треска во европскиот регион бил токму во Македонија. Заклучно со 22 јули, вирусот бил регистриран во 35 региони низ Европа, при што Италија имала најмногу пријавени случаи, по неа следуваат Грција и Романија.
Западно-нилската треска е вирусно заболување што се пренесува преку убод од заразен комарец. Инкубацијата трае од 3 до 14 дена, а кај околу 80 проценти од заразените не се појавуваат симптоми. Кај останатите може да се јават треска, а во потешките случаи и воспаление на мозокот и мозочните обвивки, како и појава на парализа.








