ПРВ.мк
Црна Хроника

ТЕШКА НЕСРЕЌА ВО ШТИП – 21-годишник испаднал од автомобил во движење

ТЕШКА НЕСРЕЌА ВО ШТИП – 21-годишник испаднал од автомобил во движење

Дваесет и едногодишен жител на Штип се здобил со тешки телесни повреди откако, како сопатник, испаднал од автомобил во движење. По несреќата тој бил пренесен во Клиничката болница во Штип, каде што е задржан на лекување.

Според информациите од полицијата, несреќата се случила на 27 јули околу 2 часот, на раскрсницата меѓу улиците „Сремски фронт“ и „Солидарност“. Во полицискиот извештај се наведува дека 21-годишникот испаднал од отворениот прозорец на автомобил „ауди“, управуван од 22-годишен возач.

Жители од населбата кои биле сведоци на настанот тврдат дека автомобилот се движел несовесно, а еден од патниците бил излезен низ прозорецот. Според нивните кажувања, при вртење на кривината тој изгубил рамнотежа, паднал на коловозот и се здобил со тешки повреди.

На местото веднаш пристигнале екипи на Итната медицинска помош и полициски службеници. Од СВР Штип извршиле увид и работат на утврдување на сите околности и причините за несреќата.

Во меѓувреме, полицијата информира дека во текот на изминатата недела на подрачјето на СВР Штип биле евидентирани околу стотина сообраќајни прекршоци, меѓу кои најчести биле возење без возачка дозвола, управување нерегистрирани возила, возење под дејство на алкохол и пречекорување на дозволената брзина.