ПРВ.мк
Наука/Технологија

БРИСЕЛ СО СЕРИОЗНИ ЗАБЕЛЕШКИ ДО ТИКТОК – Во прашање е безбедноста на децата

БРИСЕЛ СО СЕРИОЗНИ ЗАБЕЛЕШКИ ДО ТИКТОК – Во прашање е безбедноста на децата

Европската комисија објави прелиминарни наоди во кои оценува дека поставките за профилите на малолетните корисници на ТикТок не ги исполнуваат безбедносните стандарди предвидени со Законот за дигитални услуги (DSA).

Според Комисијата, платформата им овозможува на малолетниците да ги направат своите профили јавни, со што нивната содржина може да биде достапна за секого, вклучително и за лица кои немаат корисничка сметка на ТикТок.

Дополнително, содржините што ги објавуваат корисници на возраст од 16 до 17 години можат да бидат препорачувани на други корисници преку секцијата „For You“, што, според Брисел, може да ја зголеми изложеноста на несакани контакти, сајбер-малтретирање и потенцијално предаторско однесување.

Комисијата предупредува дека и во случаите кога малолетниците користат приватни профили, нивните сметки и понатаму можат лесно да бидат пронајдени преку листите на следбеници, а фотографиите на профилите остануваат видливи за поширок круг корисници.

Од Европската комисија посочуваат дека поставките за приватност се клучен елемент за заштита на децата на интернет, бидејќи тие одредуваат кој може да ја гледа нивната содржина и да стапи во контакт со нив.

Прелиминарните наоди се дел од постапката што Европската комисија ја води против ТикТок, а компанијата ќе има можност да одговори на изнесените забелешки пред да биде донесена конечна одлука.