Европската Унија разгледува нов механизам за финансирање на Украина преку конфискација на замрзнатите руски средства. Идејата е ЕУ да подигне заем од околу 140 милијарди евра, кој би ѝ бил достапен на Украина во форма на бескаматна поддршка, додека Русија не ги плати воените репарации.
Финскиот претседател Александар Стуб го оцени планот како „генијален“ и целосно во согласност со меѓународното право. Според него, тоа е начин Украина веднаш да добие средства, а товарот да се сподели меѓу сите членки на ЕУ.
Но, Белгија остро реагира. Причината е што најголемиот дел од замрзнатите руски пари – повеќе од 190 милијарди евра – се наоѓаат во белгискиот депозитар Euroclear. Белгиските власти стравуваат дека ваквиот потег ќе го наруши финансискиот углед на земјата и ќе ги изложи членките на ЕУ на сериозни ризици.
Додека Германија веќе дава поддршка за планот, белгиските претставници предупредуваат дека парите однапред би се трошеле како компензација, оставајќи ги државите-членки да се справуваат со последиците.
Во меѓувреме, прашањето за Украина повторно го отвори и проблемот со едногласното гласање во ЕУ. Стуб ја поздрави иницијативата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, за укинување на правото на вето, посочувајќи дека Унгарија систематски го кочи напредокот на Киев кон Унијата.
„Секоја одлука што носи поголема флексибилност и помала можност за блокада е добредојдена – особено кога станува збор за Украина“, нагласи Стуб.