ПРВ.мк
Македонија

Годишно има околу 1 200 нови пациентки со рак на дојка

Годишно има околу 1 200 нови пациентки со рак на дојка

На Клиниката за онкологија и радиотерапија секоја година се дијагностицираат приближно 1.200 нови пациентки со рак на дојка, соопшти Здружението „Хема-онко“ по повод 1 октомври, почетокот на Месецот за борба против ракот на дојка.

Ана Марјановиќ од „Хема-онко“ истакна дека околу 60% од пациентките за првичната дијагноза и биопсија се упатуваат на приватни клиники. Поради непроменети протоколи и нефункционирачки тумор-бордови, околу 80% од новодијагностицираните пациентки веднаш се упатуваат на хирургија наместо на Клиниката за онкологија. Здружението работи на тоа пациентките првично да добијат комплетна дијагноза на Клиниката, со соработка помеѓу онколог, хирург и патолог, за најдобар третман.

Марјановиќ посочи дека до крајот на годината се очекува да се воспостави национална скрининг-програма за жени од 40 до 69 години, со можност да бидат вклучени и помлади пациентки, поради зголемениот број млади случаи.

Еден од проблемите на Клиниката е недостигот на терапија во одредени периоди. И покрај 65% поголемиот буџет оваа година, се појавуваат дупки од една до три недели поради административни процедури и некоординирана набавка на лекови. Здружението предлага централизирана набавка на лекови на државно ниво за избегнување на вакви прекини.

Дополнително, „Хема-онко“ работи на набавка на понови терапии од петта генерација за метастатски канцери, со цел да се обезбеди достапен и современ третман за пациентките.

Escape