ПРВ.мк
Наука/Технологија

Хакерските групи ја засилуваат кибер шпионажата во ЕУ

Хакерските групи ја засилуваат кибер шпионажата во ЕУ

Европската унија се соочува со зголемена закана од кибер напади, при што јавната администрација е најчеста цел, соопшти Европската агенција за сајбер безбедност (ЕНИСА) во својот годишен извештај. Извештајот ги анализирал речиси 5.000 инциденти од 1 јули 2024 година до 30 јуни 2025 година.

Хакерските групи поврзани со држави „ги интензивираа операциите против организациите на ЕУ“, вршејќи кибер шпионажа против јавната администрација и обидувајќи се да влијаат врз јавноста преку дезинформации и мешање.

По јавната администрација (38% од нападите), најчесто таргетирани сектори се транспортниот (7,5%), дигиталната инфраструктура и услуги (4,8%), финансискиот сектор (4,5%) и производството (2,9%).

ЕНИСА нагласува дека, иако кибер шпионажата поддржана од државата расте, најголема закана останува „ransomware“ – напади со злонамерен софтвер што го ограничува пристапот до системите и бара откуп. Најчест тип на инцидент беа DDoS нападите (77%), кои ја прават услугата недостапна и најчесто ги извршуваат кибер активисти.

Извршниот директор на ЕНИСА, Јохан Лепасар, истакна дека нарушувањето на еден дел од инфраструктурата може да предизвика последици низ целиот синџир на снабдување, бидејќи современите услуги се меѓусебно поврзани.

Неколку европски земји оваа година пријавија кибер шпионски активности: Холандија обвини дека Русија стои зад нападите во мај, Чешка ги обвини Кина за упади во Министерството за надворешни работи, а некои земји беа погодени од кампања наречена „Солтен тајфун“, поврзана со кинеското Министерство за државна безбедност.

Овие инциденти покажуваат дека европските влади и организации се сè повеќе изложени на сложени и организирани кибер закани.

Escape