Работата на личниот преведувач на рускиот претседател Владимир Путин изгледа гламурозно – патувања ширум светот, присуство на самити, директен пристап до највисоките државни разговори. Но, зад кулисите се крие огромен притисок: една погрешно преведена реченица може да предизвика политички потрес.
Рускиот портал „Аргументи и факти“ открива дека преведувачите на Путин мора да бидат подготвени на сè – од неговите духовити забелешки и жаргон, до сложени руски поговорки кои речиси и да немаат соодветен превод. Често се принудени да импровизираат за да ја задржат смислата на пораката.
На економски форум во Санкт Петербург, Путин изненадил со воен термин „Волно!“, со што целосно го збунал преведувачот. Но, притисокот не застанува тука – претседателот внимателно ги следи преводите. Благодарение на познавањето на германски и англиски јазик, Путин дури и корегира грешки во реално време. Еден пат тој строго го исправил преведувачот кој од „раст од 7%“ кажал „5%“.
Понекогаш, кога нема преведувач при рака, самиот Путин ја презема улогата. На форум со германски бизнисмен тој лично превел, одговорил на германски и повторно прераскажал на руски за сите присутни.
Ова покажува дека преведувачите на Путин работат под постојана напнатост – нивната работа не е само јазична, туку и политичка, бидејќи секоја грешка може да има последици далеку надвор од самата сала.