Полицијата откри нелегална плантажа со канабис во атарот на струмичкото село Секирник, на локалитетот „Матник“, при што биле запленети околу 680 килограми стебла канабис, а две лица биле приведени.
Станува збор за двајца жители на Ново Село, на возраст од 34 и 30 години, за кои постои сомнение дека ја обработувале парцелата и одгледувале канабис на скриена локација.
Според информациите од МВР, досегашната истрага укажува дека дел од произведениот канабис бил наменет за продажба надвор од Македонија.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека акцијата била резултат на повеќедневна работа на полициските службеници. Според него, дел од полицајците со денови престојувале и спиеле на терен за да ги следат осомничените и да ги затекнат кога ќе пристапат до плантажата.
Тошковски посочи дека дрогата била откриена и обезбедена, а лицата за кои постои сомнение дека биле директно вклучени во производството и пуштањето во промет биле приведени.
Против двете лица е поднесена кривична пријава за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.










