Министерот за здравство Сашо Клековски се обрати на „Алцхајмер матине“, организирано од Институтот за Алцхајмерова болест – Скопје, по повод Светскиот ден на Алцхајмеровата болест.
Клековски посочи дека во Македонија живеат повеќе од 24.000 лица со деменција, од кои најмалку 10.000 со Алцхајмерова болест, нагласувајќи дека зад бројките стојат пациенти и семејства кои секојдневно се соочуваат со предизвиците што ги носи болеста.
Според министерот, деменцијата не го менува животот само на пациентот, туку и на целото семејство, поради што здравствената и институционалната грижа не треба да завршува со поставувањето на дијагнозата.

Клековски ја истакна важноста на навременото препознавање и раната дијагноза, како и потребата од дополнително зајакнување на Центарот за деменции при Универзитетската клиника за неврологија.
Меѓу приоритетите тој ја посочи и поголемата општествена и институционална поддршка за семејствата и негувателите, кои имаат значајна улога во секојдневната грижа за лицата со деменција.

Министерот информираше и дека се работи на подготовка за новите третмани преку соработка со Невролошката клиника во Љубљана и размена на стручни искуства.
Клековски им се заблагодари на здравствените работници, активистите и семејствата кои ги споделија своите искуства, посочувајќи дека токму нивните приказни ја покажуваат важноста од континуирано унапредување на системот за грижа.










