ПРВ.мк
Свет

ЗЕЛЕНСКИ: Украинските животи се поважни од цената на дизелот во светот

ЗЕЛЕНСКИ: Украинските животи се поважни од цената на дизелот во светот

Украинскиот претседател Володимир Зеленски порача дека човечките животи во Украина се поважни од цената на енергентите, бранејќи ги украинските напади врз руските рафинерии. Изјавата доаѓа во период кога растот на цените на дизелот предизвикува сериозна загриженост на светските пазари.

Во интервју за „Волстрит журнал“ на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, Зеленски потврди дека со американскиот претседател Доналд Трамп разговарал за нападите врз руската енергетска инфраструктура и нивното влијание врз пазарот на горива.

Зеленски истовремено порача дека Украина е подготвена за таканаречено „енергетско примирје“ – Киев да ги запре нападите врз руските рафинерии и други енергетски објекти доколку Москва престане да ја напаѓа украинската енергетска инфраструктура, вклучително електричната енергија, греењето и водоснабдувањето.

Трамп претходно изрази загриженост поради влијанието на украинските напади врз руските рафинерии врз глобалната понуда на дизел. Сепак, актуелната криза на пазарот не се поврзува само со Украина: анализите укажуваат и на сериозни нарушувања во снабдувањето од Блискиот Исток и проблемите поврзани со Ормускиот Теснец.

Во меѓувреме, нападите врз енергетската инфраструктура продолжуваат од двете страни, додека се прават дипломатски обиди да се постигне договор за нивно запирање пред зимата.