ПРВ.мк
Македонија

ДРАСТИЧНО НАМАЛЕН БРОЈОТ НА ЖРТВИ НА ПАТИШТАТА: За осум месеци 34 помалку загинати и 863 помалку настрадани

ДРАСТИЧНО НАМАЛЕН БРОЈОТ НА ЖРТВИ НА ПАТИШТАТА: За осум месеци 34 помалку загинати и 863 помалку настрадани

Податоците од Министерството за внатрешни работи покажуваат значително намалување на бројот на загинати и повредени во сообраќајни незгоди во првите осум месеци од 2026 година во споредба со истиот период лани.

Од јануари до август годинава во сообраќајни незгоди загинале 62 лица, додека во истиот период во 2025 година животот го загубиле 96 лица. Тоа претставува намалување за 34 жртви, односно за 35,42 проценти.

Намален е и вкупниот број на настрадани – од 4.731 на 3.868 лица. Тоа значи дека во сообраќајни незгоди имало 863 помалку загинати и повредени лица, или пад од 18,24 проценти.

Според МВР, вкупниот број сообраќајни незгоди е намален од 5.485 на 4.840, додека незгодите со смртни последици бележат пад од 82 на 54. Незгодите со телесни повреди се намалени од 2.291 на 1.896, а бројот на лица со телесни повреди од 3.949 на 3.116.

Бројот на тешко повредени, сепак, останува приближно на исто ниво – 686 лица во првите осум месеци од 2025 година и 690 во истиот период годинава.

Од Министерството оценуваат дека резултатите се поврзани со интегриран пристап што ги опфаќа системот „Безбеден град“, законските измени, засилените полициски контроли и превентивните активности.

Санкционирањето преку „Безбеден град“ започна на 1 февруари 2026 година, при што прекршоците се детектираат автоматски, предметите се обработуваат електронски, а известувањата се доставуваат преку СМС и електронска пошта.

МВР најавува продолжување на контролите и понатамошно унапредување и проширување на системот, со цел дополнително намалување на бројот на сообраќајни незгоди, повредени и загинати.