Драматичен настан се случил во Полициската станица Илијаш во Босна и Херцеговина, каде полициски службеник се обидел да си го одземе животот во текот на голема полициска акција поврзана со истрага за меѓународен организиран криминал.
Според информациите објавени во босанските медиуми, станува збор за полициски службеник со иницијали М.Б. По претресот на неговата канцеларија, тој побарал да оди во тоалет, по што се слушнал истрел. Колегите го пронашле тешко повреден, а лекарите се борат за неговиот живот.
Акцијата се спроведува во соработка со повеќе полициски агенции, а претреси биле извршени и на подрачјето на Добој и Братунац. Во активностите учествувале припадници на СИПА и МУП на Кантонот Сараево, по наредба на Судот и Обвинителството на БиХ.
Во центарот на истрагата се сомневања за шверц на оружје поврзан со шведската криминална мрежа „Фокстрот“, предводена од Рава Маџид, познат како „Курдска лисица“. Полицискиот службеник М.Б., според објавените информации, е осомничен за поврзаност со мрежата, но неговата евентуална кривична одговорност допрва треба да биде утврдена.
„Фокстрот“ со години се поврзува со трговија со дрога и оружје, престрелки и експлозии во Шведска. Истражување на шведскиот јавен сервис СВТ од 2025 година ги поврзало конфликтите околу мрежата со околу 30 убиства.
Во март 2025 година американското Министерство за финансии ја означи „Фокстрот“ како транснационална криминална организација и воведе санкции против мрежата и нејзиниот лидер.
Истрагата треба да покаже дали и во колкав обем лица од Босна и Херцеговина биле поврзани со активностите на оваа криминална мрежа.






