Министерството за внатрешни работи ги објави првите резултати од работата на Работниот тим (Task force) за сузбивање на недозволената трговија со дрога, кој беше формиран пред еден месец. Според МВР, засилената координација и заедничките активности на полициските служби придонеле за поефикасно откривање и разбивање на криминалните групи што се занимаваат со трговија со наркотици.
Во текот на изминатиот месец биле спроведени повеќе координирани акции низ државата, насочени кон откривање на дилерски мрежи, прекин на каналите за снабдување и спречување на понатамошна дистрибуција на дрога. Меѓу позначајните случаи е спречениот меѓународен транспорт на околу 25 килограми марихуана на граничниот премин „Деве Баир“.
Во акциите биле запленети 43,3 килограми марихуана, речиси 700 грама кокаин, повеќе од 690 грама амфетамин, хашиш, халуциногени печурки, 541 таблета екстази, 69 ЛСД таблети, 14 МДМА таблети, како и над сто пакувања со различни видови сомнителни материи кои биле испратени на вештачење.
МВР информира дека во истиот период биле поднесени 21 кривична пријава против 29 лица, извршени 131 претрес на домови и други објекти, проверени 935 возила и 1.078 лица, додека по различни основи поврзани со трговија со дрога биле приведени или лишени од слобода вкупно 241 лице.
Особено се издвојуваат резултатите на подрачјето на СВР Скопје, каде покрај наркотични средства биле пронајдени и одземени 2.900 евра, 100 швајцарски франци, 58.000 денари, два пиштоли и шест дигитални ваги, кои ќе послужат како материјални докази во натамошните постапки.
Во рамки на активностите на Работниот тим било пронајдено и повторно приведено 41-годишно лице од Кочани, по кое претходно била распишана меѓународна потерница, откако избегало од полициска станица по апсење за сомнение за недозволена трговија со дрога.
Од Министерството порачаа дека борбата против нарко-криминалот продолжува со уште поголем интензитет, преку засилени контроли, финансиски истраги, координирани акции и меѓународна полициска соработка.










