ПРВ.мк
Свет

Ноќ на хаос во Русија: Експлозии, пожари и напад врз „рускиот Амазон“

Ноќ на хаос во Русија: Експлозии, пожари и напад врз „рускиот Амазон“

Во текот на ноќта повеќе региони во Русија биле цел на масовен напад со беспилотни летала, при што, според медиумски извештаи, биле погодени логистички центар на компанијата Wildberries и две нафтени рафинерии во Волгоградската област и Краснодарскиот крај.

Руските власти потврдија дека Волгоград бил нападнат и соопштија дека пет лица се повредени. Сепак, не открија кои објекти биле директно погодени. Од украинска страна засега нема официјална реакција за нападите.

Според информации објавени од независни руски медиуми, меѓу погодените цели е дистрибутивниот центар на Wildberries, најголемата платформа за интернет-продажба во Русија. Станува збор за логистички комплекс со површина од околу 44.000 квадратни метри, кој опслужува голем дел од регионот, но овие информации сè уште не се независно потврдени.

Истите извори наведуваат дека била погодена и рафинеријата Lukoil-Volgogradneftepererabotka, една од најголемите во земјата, која произведува бензин, дизел, авионско гориво и други нафтени деривати. Засега нема официјални информации за обемот на штетата или евентуален прекин на производството.

Гувернерот на Волгоградската област, Андреј Бочаров, потврди дека по нападот избувнале пожари во индустриски објект и магацински комплекс, без да ги прецизира погодените локации.

Во текот на ноќта пожар бил пријавен и во рафинеријата во Туапсе, во Краснодарскиот крај, но причината за избувнувањето сè уште не е официјално утврдена.

Украинските извори претходно тврдеа дека логистичките центри на Wildberries се користат и за снабдување на руската армија. Во изминатите недели компанијата неколкупати беше цел на напади, а според медиумски извештаи, од средината на јули погодени биле најмалку осум нејзини логистички центри. Компанијата претходно соопшти дека нападите зафатиле повеќе од десет проценти од нејзините логистички капацитети.