ПРВ.мк
Свет

Нова криза во ЕУ: Италија со барање за суспендирање на Шпанија од Шенген зоната

Нова криза во ЕУ: Италија со барање за суспендирање на Шпанија од Шенген зоната

Италија најави дека ќе побара суспендирање на Шпанија од Шенген зоната, откако илјадници мигранти во изминатите денови успеаја да влезат во шпанската енклава Сеута од територијата на Мароко.

Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани преку објава на социјалната мрежа Х порача дека го поддржува затворањето на Шенгенската граница со Шпанија, оценувајќи дека нерегуларната и неконтролирана миграција претставува сериозен безбедносен предизвик.

Според информациите од Шпанската цивилна гарда, голем број мигранти ја преминале границата со пливање од мароканскиот брег, при што дошло до сериозен притисок врз безбедносните сили.

Во обидот за влез во шпанската територија животот го загубиле девет лица, а шпанските власти испратиле дополнителни 60 припадници на армијата како поддршка на полицијата за стабилизирање на состојбата.

Шпанската државна телевизија TVE објави дека меѓу 2.000 и 3.000 млади мигранти ја преминале границата, додека новинската агенција EFE јави дека стотици лица биле забележани како ја прескокнуваат заштитната ограда во момент кога делови од неа не биле обезбедени.

Сеута и Мелиља се единствените копнени граници меѓу Европската Унија и Африка, поради што со години претставуваат една од главните рути за мигрантите кои се обидуваат да стигнат на европско тло.