Германската компанија Quantum Systems објави дека нејзиниот прототип Apex Recordhunter достигнал максимална брзина од дури 699 километри на час, што неофицијално го прави најбрзиот електричен дрон во светот.
Рекордната брзина била постигната за време на интерно тестирање одржано на 26 јуни, при хоризонтален лет. Компанијата најави дека во наредните недели ќе се спроведе и официјален обид за сертификација, со цел резултатот да биде признаен и впишан во Гинисовата книга на рекорди.
Дронот бил развиван во текот на изминатата година како платформа за тестирање на нови технологии за летала со екстремно високи перформанси. Дел од решенијата што се користат кај Apex Recordhunter во иднина би можеле да бидат применети кај модерни системи за пресретнување на беспилотни летала.
Во меѓувреме, компанијата WIY Drones, која е дел од групацијата Quantum Systems, подготвува нови тестирања на своите пресретнувачи STRILA и SPYS. Целта е тие да постават официјални украински рекорди за брзина и да ги потврдат своите способности во пресретнување на сè побрзи воздушни цели.
Од компанијата најавуваат дека повеќе технички детали и официјалните резултати од рекордните обиди ќе бидат објавени по завршувањето на сертификацијата и тестирањата.








