ПРВ.мк
Магазин

Загрижувачки податок: Секој трет Хрват не може да си дозволи ниту една недела одмор

Загрижувачки податок: Секој трет Хрват не може да си дозволи ниту една недела одмор

Речиси секој трет жител на Хрватска нема финансиски можности да си дозволи седумдневен годишен одмор надвор од домот, покажуваат најновите статистички податоци на Евростат.

Според анализата, во 2025 година дури 32,6 проценти од граѓаните на Хрватска не можеле да ги покријат трошоците за еднонеделен одмор. Овој процент е повисок од просекот на Европската Унија, каде што 27,5 проценти од населението се соочуваат со истиот проблем.

Во споредба со претходната година, бројот на граѓани во ЕУ кои не можат да си дозволат одмор е благо зголемен, но во однос на периодот од пред десет години ситуацијата е подобрена.

Најнеповолна состојба е забележана во Романија, каде што повеќе од 61 процент од населението нема финансиски услови за еднонеделен одмор. Следуваат Грција со 46,6 проценти, како и Бугарија и Унгарија со по 39,1 процент.

Од друга страна, најдобра е состојбата во Луксембург, каде само 10,6 проценти од граѓаните не можат да си дозволат годишен одмор. Следуваат Шведска со 12,4 и Холандија со 12,8 проценти, додека во Словенија овој удел изнесува 15,2 проценти.

Евростат наведува и дека во текот на 2024 година околу 65 проценти од жителите на Европската Унија постари од 15 години реализирале најмалку едно туристичко патување со ноќевање. Во Хрватска такво патување оствариле околу 54 проценти од населението.

Најголемиот дел од патувањата, околу 71 процент, биле реализирани во рамките на матичните држави, додека 29 проценти биле во странство. Вкупниот број туристички патувања во ЕУ пораснал за четири проценти во однос на 2023 година и бил за пет проценти повисок од нивото пред пандемијата.

Експертите посочуваат дека можноста за заминување на годишен одмор сè повеќе се смета за важен показател за животниот стандард, особено во услови на растечки трошоци за живот кои ја намалуваат куповната моќ на домаќинствата.