Саудиска Арабија се подготвува за голема воена операција против јеменските Хути, која, според британскиот весник „Гардијан“, би можела да се спроведе истовремено по копно и по море.
Повикани на јеменски извори, медиумите наведуваат дека целта на евентуалната офанзива е да се прекине блокадата што ја загрозува саудиската нафтена трговија преку јужниот дел на Црвеното Море.
Според извештаите, во последните денови се забележани движења на саудиските сили во источен Јемен, што се толкува како подготовка за можна копнена операција. Истовремено, Ријад работи на формирање меѓународна поморска коалиција која би ги штитела трговските бродови во Црвеното Море и теснецот Баб ел-Мандеб.
Тензиите дополнително се зголемија откако Хутите, кои контролираат голем дел од западен Јемен и имаат поддршка од Иран, на 20 јули прогласија блокада на саудиските бродови. Тие порачаа дека мерката ќе остане во сила сè додека Саудиска Арабија не ја укине блокадата врз Јемен.
Саудиското Министерство за одбрана соопшти дека иницијативата за мултинационална поморска коалиција ја поддржале 14 држави, меѓу кои Турција, Египет, Пакистан, Судан и Џибути. Ријад побарал поддршка и од САД, како и од повеќе европски земји, вклучувајќи ги Германија, Франција, Обединетото Кралство и Италија.
Значењето на Црвеното Море за саудискиот извоз на нафта дополнително се зголеми по нарушувањата во пловидбата низ Ормутскиот Теснец. Според извештаите, повеќе од половина од саудиската нафта сега преку копнен транспорт стигнува до терминалите во Јанбу, од каде се извезува преку Црвеното Море.
Во последните две недели повторно се засилија судирите меѓу Саудиска Арабија и Хутите. Бунтовниците тврдат дека нападнале саудиска нафтена инфраструктура, додека саудиските сили одговориле со воздушни напади врз позиции под нивна контрола.
И покрај овие подготовки, според „Гардијан“, Саудиска Арабија сè уште се обидува да избегне директна ескалација на конфликтот со Иран и остава можност за дипломатско решение.







