ПРВ.мк
Скопје

(ФОТО) 130 ГОДИНИ ИСТОРИЈА, ВЕРА И ТРАДИЦИЈА: Скопје одбележа голем јубилеј на храмот „Свети Димитриј“!

(ФОТО) 130 ГОДИНИ ИСТОРИЈА, ВЕРА И ТРАДИЦИЈА: Скопје одбележа голем јубилеј на храмот „Свети Димитриј“!

Со свечени богослужби и академија беше одбележана 130-годишнината од изградбата на храмот „Свети великомаченик Димитриј“ во Скопје, познат и како некогашниот Соборен храм. Јубилејот се совпаѓа со празникот посветен на светиот великомаченик Димитриј, кој се чествува денеска.

Утрово во храмот се служи света божествена литургија, со која чиноначалствува архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

По синоќешната свечена академија, организирана по повод големиот јубилеј, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека храмот има посебно место во духовниот и историскиот живот на градот.

Тој го опиша како дом на верата во кој генерации скопјани наоѓале утеха во тешките моменти, благодареле за радосните настани и се молеле за здравјето и мирот на своите најблиски.

„Свето место што ја чува православната традиција и сведочи за духовната истрајност на нашиот народ. Признанието кое вечерва го примив, како благодарност за помошта во реконструкцијата на придружните објекти на храмот, има посебно место во моето срце. Ќе стои на почесно место на мојата полица, како едно од најдрагите признанија и како потсетник на обврската да го чуваме она што ни го оставиле нашите предци“, објави Ѓорѓиевски на Фејсбук.

Ѓорѓиевски меѓу добитниците на признание

Скопскиот градоначалник беше меѓу добитниците на признание од Македонската православна црква – Охридска архиепископија, доделено по повод 130-годишнината од изградбата на храмот, во периодот од 1896 до 2026 година.

Тој упати благодарност до архиепископот г.г. Стефан, отец Жарко и свештенството на МПЦ-ОА за укажаната чест, но и за нивната посветеност во зачувувањето на верата, духовноста и заедништвото меѓу народот.

Во својата објава, Ѓорѓиевски упати и порака храмот да продолжи да биде исполнет со верници и молитви уште многу векови.

„Нека уште многу векови овој храм биде полн со верници, со детски гласови и со искрени молитви. Нека неговите камбани повикуваат на мир, љубов и добрина, а секој што ќе влезе во него нека пронајде утеха, надеж и сила. Нека ни е вековит храмот ‘Свети великомаченик Димитриј’“, напиша градоначалникот.

Храмот „Свети великомаченик Димитриј“ и по 130 години останува значајно духовно место за Скопје, сведочејќи за православната традиција и верската историја на градот.

Најнови вести