Редовното консумирање алкохол може да има многу посериозни последици врз здравјето на мозокот отколку што повеќето луѓе претпоставуваат, предупредуваат невролози. Иако пушењето одамна се смета за една од најштетните навики, експертите велат дека честото пиење алкохол може незабележливо да го забрза когнитивното стареење и да ја наруши функцијата на мозокот.
Според неврологот д-р Линет Гогол, особено загрижувачки се навиките како секојдневното вечерно консумирање алкохол, прекумерното пиење или користењето алкохол како средство за справување со стресот. Таа предупредува дека ваквото однесување со текот на времето може сериозно да влијае врз здравото стареење на мозокот.
Нејзиниот колега, д-р Зак Рамилевич, објаснува дека алкохолот е невротоксична супстанција која директно влијае врз мозочните клетки, ја нарушува комуникацијата меѓу различните делови на мозокот и со текот на времето може да придонесе за намалување на неговиот волумен.
Една од првите последици од редовната консумација е нарушениот сон. Иако многумина мислат дека алкохолот помага полесно да се заспие, експертите велат дека тој го нарушува квалитетот на спиењето, ја скратува РЕМ-фазата и може да ги влоши состојби како 'рчење и апнеја при спиење. Долгорочно, ваквите нарушувања можат негативно да влијаат врз меморијата, концентрацијата и когнитивните способности.
Невролозите предупредуваат и дека алкохолот може да ги оштети сивата и белата мозочна маса. Сивата маса е важна за размислувањето, меморијата, емоциите и донесувањето одлуки, додека белата маса овозможува ефикасна комуникација помеѓу различните региони на мозокот.
Дополнително, честото пиење го зголемува ризикот од висок крвен притисок, мозочен удар, атријална фибрилација, воспалителни процеси и други заболувања кои индиректно можат да го нарушат функционирањето на мозокот.
Според д-р Рамилевич, најдобриот избор за зачувување на здравјето на мозокот е целосно избегнување на алкохолот, особено кај лицата со нарушувања на спиењето, заболувања на црниот дроб, депресија, зависност или семејна историја на деменција. Тој потсетува и на ставот на Светската здравствена организација дека не постои целосно безбедно ниво на консумирање алкохол.
Експертите додаваат дека секое намалување на внесот на алкохол може да има позитивен ефект врз здравјето на мозокот, да го подобри квалитетот на сонот и да помогне во зачувување на когнитивните способности со текот на годините.







