Граѓаните на Македонија ги очекува продолжен викенд по повод одбележувањето на државниот празник Илинден – Денот на Републиката.
Бидејќи годинава 2 Август се паѓа во недела, согласно Законот за празници, понеделник, 3 август, ќе биде неработен ден за сите граѓани. Тоа значи дека многумина ќе имаат три последователни слободни денови – сабота, недела и понеделник, кои можат да ги искористат за одмор, патување или семејни активности.
Илинден е еден од најзначајните државни празници во Македонија и се одбележува во чест на Илинденското востание од 1903 година и Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, два историски настани кои го одбележуваат патот кон македонската државност.
Следниот неработен ден за православните верници ќе биде на 28 август, кога се празнува Успение на Пресвета Богородица – Голема Богородица. Овој празник годинава се паѓа во петок, што повторно ќе овозможи продолжен викенд за дел од граѓаните.










