Основниот кривичен суд Скопје донесе ослободителна пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски во предметот „Талир 2“, кој се однесуваше на обвиненијата за пречекорување на службени овластувања и наводно противправно финансирање на изградбата на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ.
Судијката Даниела Алексовска при објавувањето на пресудата посочи дека во овој случај морале да се земат предвид измените на Кривичниот законик од 2023 година, поради кои било направено и соодветно прилагодување на обвинението.
Според нејзиното образложение, и покрај измените на обвинението, доказите и фактите презентирани пред судот не се промениле. Судот оценил дека обвинителството не успеало да докаже надвор од разумно сомневање дека Груевски сторил кривично дело пречекорување на службената должност.
„Судот цени дека обвинителството не докажа надвор од разумно сомневање дека обвинетиот Никола Груевски сторил пречекорување на службената должност“, изјави Алексовска при објавувањето на пресудата.
Во образложението беше наведено дека судот го прифатил ставот на Апелацискиот суд Скопје дека измените на Кривичниот законик се во директна корист на обвинетиот.
Судијката нагласи дека ослободителната пресуда е последица на законските измени од 2023 година, кои влијаеле врз правната квалификација на делото и довеле до укинување на претходната првостепена пресуда.
„И покрај тоа што оваа пресуда е различна од претходно донесената во конкретниот предмет, анализата и оценката на доказите, утврдените факти и заклучоците на судот останаа непроменети“, беше наведено во образложението.
Според судот, иако претходно било утврдено дека постоеле докази за одредени дејствија поврзани со користење на службената положба и овластување, при новата правна квалификација не било докажано дека делото било сторено преку пречекорување на овластувањата или неизвршување на службената должност.
Одбиен предлогот за конфискација на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ
На објавувањето на пресудата во судницата присуствувале адвокатите на Никола Груевски, Петар Тимовски и на ВМРО-ДПМНЕ, Кристина Маневска, како и претставникот на партијата, адвокатката Љубица Николовска.
Судот одлучил трошоците за постапката да паднат на товар на државниот буџет, а истовремено го одбил предлогот на Обвинителството за конфискација на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
Пресудата е неправосилна, што значи дека странките имаат право да поднесат жалба пред повисоките судски инстанци.
Како се развиваше случајот „Талир 2“
Предметот „Талир 2“ во април годинава го презеде обвинителот Кристијан Смилевски од Основното јавно обвинителство Скопје, откако претходната обвинителка Ленче Ристовска поднесе оставка.
Апелацискиот суд Скопје во јануари 2024 година ја укина првостепената пресуда во предметот поради измените на Кривичниот законик, особено во делот на кривичното дело од член 353 од КЗ, и го врати случајот на повторно судење.
Во меѓувреме, за делото „злоупотреба на службената положба“ за поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, настапила застареност, додека постапката продолжила против Груевски и политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, на 7 јуни 2022 година, Кривичниот суд донесе првостепена неправосилна пресуда со која Никола Груевски беше осуден на шест години затвор, додека Кирил Божиновски доби условна казна. Со новата одлука по повтореното судење, Груевски е ослободен од обвинението во овој предмет.








