Голем шумски пожар избувна во областа Латас на грчкиот остров Евија, каде што пожарникарите водат интензивна битка со огнената стихија која опасно се приближува до населените места.
Во акцијата за гаснење се ангажирани 68 пожарникари, два специјализирани тима од 20-та пешадиска дивизија, 20 противпожарни возила, шест противпожарни авиони „Канадер“ и три хеликоптери, објавуваат грчките медиуми.
Надлежните служби испратија итно предупредување преку СМС до жителите на Евија, повикувајќи ги да бидат подготвени за можна евакуација, особено оние кои живеат во земјоделските и шумските предели во областа Латас.
Пожарникарските екипи постојано добиваат дополнителна поддршка, а на терен пристигнуваат и цистерни со вода во обид пожарот да биде ставен под контрола и да се спречи неговото понатамошно ширење кон населените места.







